Гечевски: Ќе направиме се за кошаркарите гордо да го носат репрезентативниот дрес

Како што беа еден крај друг на теренот во репрезентативниот дрес, Тоше Гечевски е крај Перо Антиќ и кога станува збор за претседателската кампања. Доколку Антиќ ја добие битката за претседател, Гечевски ќе ја има една од оперативните функции во федерацијата, со посебен акцент на работата на националните тимови.

„Еден од најважните елементи со кои МКФ треба да се занимава се сениорските репрезентации, како машката, така и женската. Знаеме каде бевме пред не толку долго време, а сега сме во некои квалификации за квалификации пред квалификации за европски првенства. Ние сакаме да обезбедиме врвни услови за подготовки, за работата да тргне напред. За да имаме добри резултати потребни ни се реномирани тренери, како од Македонија, така и од странство, кондициски тренери и медицински тим за се заедно да се вклопи во еден успешен проект. Мора да се обезбеди квалитетна опрема и за подготовките и за натпреварите, како мотив плус за играчите да бидат горди да го носат националниот дрес. Мора да биде платено она спортско осигурување, како и дневниците и премиите кои треба да бидат во комуникација со капитенот на репрезентацијата“ – истакна Гечевски.

Според легендарниот центар, особен акцент мора да се стави и на младинските категории и создавање на врвни услови за работа на младите и талентирани кошаркари.

„За да имаме сениорска репрезентација на едно такво ниво, мораме да имаме и младински категории. Без нив не можеме да имаме ниту клубови ниту репрезентација. Затоа сакаме да дадеме еден голем акцент на младинските школи кои создаваат репрезентативци и клупски играчи. Најважно е секоја селекција да биде пријавена и во текот на летото да има соодветен третман, да учествува на шампионати, но и да има сериозни тренери кои максимално би се занимавале со репрезентацијата во текот на целата сезона. Во завршна фаза се преговорите за обезбедување на објект кој би бил за користење на МКФ и би го намениле во полза за младинските категории, со услови за сала за кревање на товар, за физикална терапија… за сите оние кои сакаат да работат и да напредуваат да имаат можност за такво нешто. Новите трендови укажуваат и на специјална исхрана и психологија, кои ќе бидат дел од нашата програма. Без богати клубови, нема моќна федерација, наша цел ќе биде да помогнеме клубовите да се зајакнат бидејќи само така македонската кошарка може да оди напред“ – порача Тодор Гечевски.

Се вчитува...