ИНТЕРВЈУ Влатко Георгиевски: Имаме една цел – кошарката пак да биде спорт број 1 во Македонија

Со доаѓањето на Перо Антиќ како нов предводник на „куќата на кошарката“, поранешната НБА-ѕвезда за свој прв оперативец во КФСМ го избра Влатко Георгиевски. И самиот Георгиевски е поранешен кошаркар, добро запознаен со проблеми со кои се соочува овој спорт со години наназад, што само го прави уште помотивиран во обидот да ја врати кошарката како спорт број 1 во Македонија.

Во интервју за ЕКИПА, Георгиевски говори на најразлични теми, од мотивите при самото доаѓање на функцијата, предизвиците, проблемите што ги создаде коронавирусот, „војната“ со МЗТ Скопје, до оптимистичките очекувања за новата 2021 година.

„Од првиот ден кога дојдовме во федерацијата, наша заедничка желба е да ја вратиме кошарката како спорт број 1 во Македонија. Сведоци бевме како кошарката растеше и кулминираше со оној успех на Евробаскет во Литванија, но потоа, со пензионирањето на голем дел од тие играчи најпрвин имаше стагнација, а потоа и пад на кошарката на спортската сцена во државата. Не велам дека имало виновник за тоа што се случи, можеби се сплет на околности, но наша цел е кошарката да ја вратиме онаму каде што припаѓа. Тоа беше нашата желба, да се испише една иста или нова историја, тоа беше нашиот слоган при доаѓањето. Знаеме дека можеме да направиме, сега работиме напорно знаејќи дека кога македонската кошарка еднаш остварила извонреден резултат на големата сцена, може да го повтори тоа“, го почнува Георгиевски разговорот за ЕКИПА.

Проблеми имало и ќе има, а најголем вообичаено се финансиите, пред се поради намалените средства без објаснување од Агенцијата за Млади и Спорт.

„Реално, се соочивме со проблеми околу финансиите бидејќи и во финансискиот извештај за 2019 работата е поделена на два дела, од моментот кога ја преземавме федерацијата, и претходниот период кога беа однапред потрошени пари наменети за европските првенства што се одржуваа во нашата земја. Сепак, не сакавме да излеземе во јавноста и веднаш од почетокот на мандатот да почнеме да се жалиме, туку сакавме да работиме. Средствата што ги планиравме од Агенцијата за Млади и Спорт беа многу пониски од она што требаше да го добиеме, исто така ни беа наметнати и други трошоци, како на пример за салата „Борис Трајковски“ како арена од национален интерес која од претходните гарнитури во федерацијата се користеше со препорака од АМС бесплатно, а ние моравме да ги плаќаме термините за двете првенства. Што е тука е, се снајдовме, ги надминавме и тие проблеми, го искористивме ваучерот, најдовме нови спонзори, некои пријатели што во меѓувреме се повлекле решија да се вратат и да помогнат на кошарката, ние сме им благодарни на сите“.

Генералниот секретар предупредува дека правилото за ограничување на бројот на странски кошаркари може да се покаже како нож со две острици.

„Прво треба да се направи проценка на реалниот квалитет и квантитет на домашни македонски кошаркари. Секако дека тие македонски играчи секогаш се приоритет, треба да им се даде шанса, но тоа секогаш е и „меч со две острици“. Секако дека кога говориме за број на странци е подобро да биде помал, но кај нас многу лесно може да дојде до контраефект и создавање на лежерност и комфорт-зона за нашите играчи, кои се свесни дека имаат загарантирано место во некој од прволигашите и тоа придонесува да не работат максимално на себе, на сопствениот напредок. Нормално, не говорам за сите македонски кошаркари, но има значаен дел од нив кои играат на таа карта, кои не напредуваат доволно токму бидејќи се свесни дека за нив секогаш ќе има место во некој клуб. Од друга страна, јасно е дека странските кошаркари земаат дел од минутажата на Македонците, но затоа пак се создава ривалитет, еден вид на инает за и нашите играчи да работат понапорно и да се изборат за место. Нашиот систем, што го договоривме заедно со клубовите и со Здружението на кошаркари, сметам дека е сосема добар, имаме правило за задолжителен настап на играчите во првата фаза, а потоа клубовите можат без никакво ограничување да ги користат странците“.

Првата лига поради коронавирусот беше зголемена од 10 на 12 екипи, но и тоа наскоро ќе се промени. Воедно, федерацијата најави формирање на трета лига, во која шанса би добивале помладите кошаркари.

„Нашиот став околу големината на лигата е дека елитното друштво треба да биде меѓу осум и десет екипи. Тоа е некој оптимум во кој би бил сконцентриран квалитети, сите квалитетни домашни играчи би се нашле во елитното друштво, но и да нема условување од нивна страна бидејќи 12 екипи би морале да пополнат голем дел од своите ростери со македонски играчи. Оваа бројка беше валидна и за минатата сезона, кое до моментот на прекинот беше максимално интересно и најавуваше неизвесна завршница. За жал, короната го прекина ланското првенство, летово ја проширивме лигата за уште две екипи, но остануваме на ставот дека идеално за мак-баскетот е Првата лига да брои десет екипи. Воедно, наша цел е Втората лига да се намали на 12 клубови и да ја вратиме назад третата машка, во која мнозинство би биле играчи на возраст до 20 години, со мал број на поискусни кошаркари што би биле дозволени во секој од тимовите. Со воведување на третата лига воедно би спречиле „инстант-производи“, клуб што само што се појавил веднаш да почне од Втора лига и за една година да влезе во Првата лига“.

Воедно, Георгиевски ја прокоментира и идејата околу формирање на регионална лига со клубови од Бугарија и Грција…

„Идејата за нова регионална лига се појави по разговорот на нашиот претседател Перо Антиќ со претседателот на Бугарската Кошаркарска Федерација. Тоа се однесуваше на земјите од регионот, во некој радиус од околу 400 километри кои би се патувале со автобус, да се сретнат екипите кои поседуваат квалитет и на кои вакво натпреварување би им било добредојдено за кревање на формата. Идејата е атрактивна, се уште постои, но поради реалните проблеми со коронавирусот не е направен поконкретен чекор и план на ова поле. Кога ситуацијата ќе се стабилизира, ќе почнеме повторно да размислуваме на оваа тема. Реалноста е дека проблемот не е само во „Градски парк“, критериумите не ги задоволуваат повеќе од половина од салите каде се игра кошарка, но не сакаме сега да инсистираме на исполнување на сите критериуми бидејќи со тоа уште повеќе би ги зголемиле трошоците на клубовите, кои ионака се соочуваат со финансиски проблеми“.

Првиот оперативец во куќата на кошарката се осврна и на „војната“ што во текот на летото се водеше со МЗТ Скопје, по одлуката на КФСМ да ја прогласи сезоната за завршена без да именува шампион.

„Од една страна и можам да ја разберам амбицијата на МЗТ Скопје или на било кој клуб, да инсистира на добивање на титула за незавршена сезона. Сепак, од друга страна треба да се разбере и нашиот став, од првиот ден откако влеговме во федерација наша цел е спортот да се игра на терен. Во случајов, требаше да доделиме титула надвор од терен, за што сметаме дека ќе беше понеправедно отколку она што ние го донесовме како одлука – сезоната да нема шампион. Ќе повторам, разбирам зошто МЗТ како првопласиран бараше трофеј, но ако донесевме таква одлука само за да го задоволиме овој клуб, сигурно ќе се појавеа уште повеќе незадоволни страни. На пример, Гостивар во таа сезона двапати ги доби „металците“, згора на тоа осетно се засили за Супер-лигата и плејофот. Како ќе реагираа тие ако без борба некој друг станеше шампион…“.

Георгиевски категорично ги отфрла обвинувањата за поврзаност на КФСМ со Работнички.

„Стигнуваат и до нас тие шпекулации за поврзаност на федерацијата со Работнички, па со Гостивар, но тоа нема никаква врска со вистината. Ајде да зборуваме со факти, се почна од оној момент кога МЗТ остана без титула, па работата се сврте дека тоа се случило по директива на Работнички, што апсолутно не е точно. Реалноста е сосема поинаква, МЗТ Скопје, а не Работнички е клубот што е застапен на сите нивоа, од работа во академијата, во стручните штабови на репрезентациите, во изборот за најдобри кошаркари. Тоа не е случајно или незаслужено, туку е награда за добрата работа во МЗТ Скопје, но не е добро во една таква ситуација да се „спинува“ дека федерацијата е блиска со Работнички. Дали некој ни правел притисок, па ако се прави притисок пореално е за да ги добие сите овие позиции, за кои верувам дека Работнички веднаш би се менувал со МЗТ Скопје, отколку да се ургира да се додели или да не се додели титула. Нашиот став беше јасен од спортски аспект, не сакавме да даваме шампионски трофеј на незавршен прв круг на сезоната, без Супер-лига и плејоф“.

Бура од реакции предизвика одлуката првото овосезонско дерби да се игра во „Градски Парк“, иако оваа сала веќе извесно време не ги задоволува критериумите за одигрување на прволигашка кошарка.

„Кога станува збор за салата Градски Парк на стартот на сезоната, се создаде фама во јавнста поради дербито со МЗТ Скопје. Ние разговаравме долго време со Работнички за домашните натпревари да ги играат во СРЦ Кале и постигнавме начелен договор на оваа тема. Потоа датумот на дербито беше одложен, а кога овој меч конечно требаше да биде одигран се менуваше дел од инсталацијата во СРЦ Кале. Работнички инсистираше мечот да се игра в недела, па решивме да дозволиме тој дуел да се игра во „Градски Парк“, пред се поради фактот дека немаше публика на трибините, ниту пак се користеа соблекувалните. Едноставно, го користевме само теренот на оваа сала, кој е во добра состојба. Штом состојбата се стабилизира, очекуваме Работнички да почне да ги игра своите домашни средби во Кале“.

Долго траеја преговорите пред почетокот на сезоната, а Георгиевски открива дека самите клубови ја отфрлиле идејата за турнирски систем во „балон“.

„Ние уште на самиот почеток, пред да стартуваме со сезоната, имавме идеја за одигрување на турнир во „балон“. Ги седнавме клубовите на маса, ја презентиравме идејата и речиси сите клубови беа против истата. Бевме подготвени и да покриеме половина од трошоците, но тимовите од најразлични причини не сакаа турнирски систем. Ние за сите одлуки се консултираме со клубовите, па кога го видовме нивниот став се повлековме и решивме да тргнеме со лигашки систем. Е сега, кога почна лигата и се појавија првите проблеми со одлагањето, тогаш клубовите побараа да сме почнеле турнир, но тогаш беше невозможно такво нешто. Јасно ни е дека има многу одложени натпревари, но тоа се должи на кризата со коронавирусот“.

Воедно, на последниот состанок беа воведени нови критериуми, меч ќе може да биде одложен само со решение за самоизолација

„Ние го држиме колосекот и не отстапуваме, имавме состанок со клубовите со кој воведовме новина, сега меч ќе може да биде одложен само доколку некој клуб има позитивни играчи, со решение за самоизолација. Ако некој пријави заболен кошаркар со висока температура, формиравме „екипа“ што на лице место за неколку часа ќе отпатува, ќе изврши тестирање со брзи тестови и доколку играчите се негативни мечот ќе се игра. Ние правиме се за да се игра кошарка, но мора да има и волја од клубовите и желба на сите актери за да се надмине овој тежок период. Не сакам да нагаѓам со датуми, но би било одлично кога некаде до почетокот на март би завршиле со сите прволигашки средби за да можеме да почнеме со Супер-лигата и со плејаут лигата. После тоа се ќе зависи од ситуацијата, дали ќе продолжиме со нормален формат на Супер-лига и плејоф, или ќе одиме на скратена Супер-лига, балон или некоја трета опција“.

За крај, Генералниот секретар при КФСМ ја сподели и својата желба за 2021 година – враќање на кошарката во нормални услови, со навивачи на трибините.

„Прва и основна желба ми е да се вратиме во оној нормален тек на живеење, а тоа ќе донесе и на враќање на нормално функционирање на спортот, враќање на публиката во салите. Сега, на овој начин како што функционираме, ова е еден вид на форсирање за да се победи оваа пандемија, но би сакал во 2021 да се реши целосно проблемот и да почнеме да играме кошарка без страв од корона, со навивачи на трибините“, порачува за крај Влатко Георгиевски.

Се вчитува...