Георгиевски му донесе победа на ЧСМ Букурешт и „мајсторка“ за финале

ЧСМ Букурешт предводен од Звонко Шундовски, славеше убедлива победа против Турда со 31-20 и изедначи на 1-1 во полуфиналната серија од плеј-офот во Романија. Турда забележа минимална победа на првиот меч на домашен терен (28-27), а патникот во финалето ќе биде решен на третиот натпревар в недела.

Еден од клучните играчи за победата на ЧСМ Букурешт беше македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски. Десното крило на ЧСМ Букурешт успешно ги реализираше контрите и со три гола за осум минути во првиот дел му донесе решавачка предност на својот тим. На полувремето, ЧСМ Букурешт замина со водство од 20-16, но во второто полувреме, домаќините комплетно ја презедоа контролата на теренот. Одново повлече Георгиевски и со две нови контри на стартот од последната четвртина, ја отвори победничката серија на ЧСМ Букурешт.

Георгиевски го заврши натпреварот со пет гола, а еден повеќе во составот на ЧСМ Букурешт постигна Русинот Самвел Асланиан.

Третиот натпревар ќе се игра и во вториот полуфинален дуел во кој за место во финалето од романскиот плеј-оф се борат Динамо Букурешт и Констанца за која настапува Бранислав Ангеловски.

Во разигрувањето за 5.место, Одорхеи со Гоце Ојлески, Милорад Кукоски и со Горан Кузманоски во двојна улога како играч-тренер, го доби првиот натпревар против Поли Темишвар за кој настапуваат Филип Лазаров и Златко Даскаловски, со 26-24. Ојлески беше стрелец на четири гола за тимот на Одорхеи во кој најефикасен беше Комогоров со осум погодоци. Филип Лазаров беше прв стрелец на натпреварот, но ни неговите девет гола не беа доволни за Темишвар на гостувањето против Одорхеи.

Се вчитува...