Георгиевски: Не може да ја опишам својата среќа, уште сега со нетрпение го очекувам Париз

Новиот македонски спортски херој, Дејан Георгиевски уште еднаш по пристигнувањето во Скопје го потенцираше воодушевувањето од освоениот сребрен медал на Летните олимписки игри во Токио.

Георгиевски на прес-конференцијата организирана од Агенцијата за спорт и млади, истакна дека не може да ја опише среќата поради тоа што успеал да ја израдува Македонија, ветувајќи дека ова е само мотив за уште поголеми успеси во иднина…

„Уште еднаш ќе кажам огромна благодарност до цела Македонија. На денот на натпреварите не ги следев социјалните мрежи, но од тимот добивав информации каква силна поддршка и еуфорија има во Македонија. Тоа ми даде дополнителен мотив. Знам дека најавив злато пред Игрите, стигнав до среброто но сигурно е со златен сјај ако се знае преку какви противници минав. Може да кажам дека ова ми носи мотив за уште поголеми успеси во иднина, уште сега со нетрпение ги чекам и следните Олимписки игри во Париз за три години“ – истакна Георгиевски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски честитајќи му на успехот на Георгиевски најави уште поголема поддршка во иднина за македонското таеквондо.

„За мене е гордост и чест што сум тука против освојувачот на сребрениот медал од Олимписките игри кој е навистина со златен сјај. Овој успех треба да биде поттик за сите македонски спортисти. Сакам да ги поздравам сите олимпијци во Токио, со силна желба и за уште некој медал“ – истакна Мојсоски.

Тренерот на Георгиевски, Дарко Костовски само го дополни задоволството од огромниот успех истакнувајќи дека и покрај тоа што не се освои златото, ова е навистина нешто за кое цела Македонија мора да му оддаде признание на македонскиот олимпиец.

„Се извинуваме малку што сме заморни по 18 часа пат. Сакам да му се заблагодарам на директорот Наумче Мојсоски кој на време го препозна потенцијалот на Дејан Георгиевски, и уште пред Олимписките игри. Сакам да ги поздравам и сите олимпијци кои се во Токио затоа што тоа се златни олимпијци и да им посакам многу успеси, и да донесат уште некој медал до крајот на Игрите. Силно посакувавме златен медал, но и ова сребро е навистина со таков сјај затоа што во финалето се боревме против рускиот таеквондист кој е Кристијано Роналдо за таеквондото. Претходно го елиминиравме светскиот шампион и репрезентативец од Јужна Кореја, сето тоа верувајте е навистина огромен успех“ – истакна  Дарко Костовски, на кого се надоврза и првиот човек на Македонската таеквондо федерација, др. Борче Костовски.

„Нема што да се дополни, освен тоа дека во иднина продолжуваме уште позасилено за развојот на овој спорт во Македонија кој сигурен сум во иднина уште многу ќе не радува“.

Се вчитува...