Георгиевски: Романците напреднаа со Чави, но на нас гледаат како на фаворити

Македонските ракометари работат напорно на стартот од оваа ЕХФ-недела, која ќе биде искористена за подготовка за јунскиот бараж за пласман на СП 2019 против селекцијата на Романија. Еден од оние кои се најзапознаени за квалитетите на противникот сигурно е Гоце Георгиевски, кој неколку години наназад настапува за ЧСМ Букурешт. Тој смета дека доаѓањето на Чави Пасквал придонело да дојде до развој во романскиот ракомет и актуелниот тренер на Барса сигурно ќе биде главен романски адут во дуелите со Македонија.

„Мора да се искористи оваа ЕХФ-недела, мислам дека е добредојдена за подготовки за оној јунски бараж со Романија. Ќе играме и еден пријателски дуел со Русија, се со цел што подобро да влеземе во пресметките со Романците за пласман на СП 2019. Јас настапувам во таа земја и можам да кажам дека тие за себе велат дека се селекција во прогрес и целосно ни ја препуштаат фаворитската улога на нас. Ние сме реално една посозреана репрезентација, но и тие си гледаат своја шанса, имаат добар селектор, имаше мала еуфорија веднаш по ждребот, сега е малку стишано, но знам дека тие ќе бидат максимално мотивирани кога ќе дојде јунскиот двомеч. Направија голема работа со доведувањето на Чави Пасквал за селектор, напредокот кај дел од играчите е очигледен, тие се надеваат дека со шпанскиот стратег ќе стигнат до едно големо натпреварување и затоа знам дека нема да ни биде нималку лесно“ – изјави Гоце Георгиевски.

Се вчитува...