Ѓер се уште владее со женскиот ракомет

Ѓер го продолжи своето владеење со женскиот европски ракомет откако унгарскиот гигант ја одбрани ланската круна, денеска славејќи во финалето во Будимпешта против Ростов (25-24). Рускиот првак го имаше на својата клупа екс-тренерот на Ѓер, Амброш Мартин, но шпанскиот стратег не успеа да најде лек за унгарскиот гигант, кој повторно на крајот се радуваше во арената „Ласло Пап“ во Будимпешта.

Мечот беше израмнет само во првите дваесетина минути, во кои рускиот тим во неколку ситуации имаше и два гола предност (7-5, 9-7, 10-8). Финалето сепак беше решено во финишот од првото полувреме, кое Ѓер го одигра маестрално, па со цврста одбрана и лесни голови во нападот на одмор замина со предност од 15-11. Ростов се обиде да се врати во мечот, a на Русинките не им помогна ниту црвениот картон што Нике Грот го доби на стартот од второто полувреме. Унгарскиот првак долго време го контролираше резултатот, но потоа седум минути не постигна погодок, овозможувајќи Ростов да се врати и намали на 25-24 на 37 секунди до крајот, притоа црвен картон за три исклучувања доби и Аморим.

Ѓер го промаши последниот напад, но на спротивната страна Гримзбо го одбрани последниот удар на ракометарките на Ростов, за минимална победа на унгарскиот гигант од 25-24.

Аморим Талеска со седум и Горбич со шест гола беа најефикасни во старо-новиот европски првак, додека прв стрелец на Ростов при денешниот финален пораз беше Абинг со седум погодоци.

Се вчитува...