Гибралтар…За победа не треба ни да дискутираме

Фудбалската репрезентација на Македонија е пред последниот чекор до освојувањето на првото место во групата 4 од Лигата Д, што ќе значи и пласман во плејофот за настап на Европското првенство 2020 година. И не само тоа, туку и скок погоре во нивоата од Лигата на нации, а можеби и позиција во четвртиот барабан на претстојниот ждреб во Даблин. Многу убави нешта зависат од победата што најдобрите македонски фудбалери треба вечерва (20.45 часот) да ја остварат против Гибралтар.

Почит за секого, но тоа е селекција од аматери кои, како и што напомена нивниот селектор, се радуваат дека и ќе ги одмерат силите со Македонија. Го добивме рутински првиот натпревар (0-2) на гости, па сега иако ќе бидеме без капитенот Горан Пандев, поради жолти картони, едноставно победата не смее да дојде во прашање.

Напаѓачот Иван Тричковски, кој ќе ја носи капитенската лента во отсуство на Пандев, вели дека апсолутно се зависи од пристапот на нашиот национален тим. Иако, треба да бидат свесни и дека Гибралтар ја изненади Ерменија на гости.

„Не очекувам да биде лесно, но секако дека триумфот е нашата цел. Гибралтар игра дефанзивно, но квалитетот е на наша страна и очекувам со посветеност до триумфот да дојдеме полесно“, вели Тричковски.

Селекторот Игор Ангеловски се надева дека Македонија ќе успее да постигне водечки погодок во раната фаза од мечот.

„Добро познат ни е стилот на Гибралтар. И претходно кажав, не е важно со кого играме, туку за што играме, а тоа е потврда на првото место и домашно полуфинале во плеј-офот. Капитенот Пандев сигурно ќе ни недостига, но тимот треба да одигра за него. Фаворити сме и би сакал Гибралтар да го „отвориме“ уште на почетокот“, истакнува Ангеловски.

Македонските фудбалери очекуваат поддршка, а натпреварот се игра вечерва, со почеток во 20.45 часот, на арената „Филип Втори“ во Скопје.

Се вчитува...