Гигантот се враќа: М-ТЕЛ со спонзорство од 1,4 милиони евра за КК Работнички

Кошаркарскиот клуб Работнички ги има сите предуслови за враќање на старите победнички патеки, откако „центарци“ денеска потпишаа спонзорски договор со српската компанија МТЕЛ. Како што беше обелоденето на денешната прес-конференција, договорот се однесува за период од четири години, а е со вкупна вредност од 1,4 милиони евра, сума со која „центарци“ би го засилиле клупскиот буџет и би земале залет во трката за највисок пласман.

„Клубот го затекнавме во лоша ситуација, со долгови од 35 милиони и 600 илјади денари. Новата управа предводена од Горан Веселиновски успеа за краток период да покрие половина од долговите, со што го исполнивме она што го ветивме, домаќинско работење и враќање на клубот на старите патеки. Овој договор е нов почеток и нова приказна за КК Работнички, приказна со која се надеваме дека наскоро повторно ќе го кренеме шампионскиот пехар“, изјави Горан Герасимовски, Градоначалникот на Општина Центар.

„Чест ми е што сум дел од управата на Работнички токму во овој период кога клубот прави напори да се врати онаму каде што припаѓа. Благодарност до Премиерот Ковачевски кој се вложи целосно за реализација на оваа идеја, како и до ссите луѓе од МТЕЛ Србија и од МТЕЛ Македонија за оваа соработка, за која верувам дека ќе биде успешна. Јас како играч целата кариера ја минав во Работнички, го чувствувам овој клуб за мој клуб и ќе сторам се за да го вратиме брендот Работнички, „центарци“ и Скопје заслужуваат Работнички да биде на врвот“, истакна директорот Горан Веселиновски.

Задоволството од соработката не го криеја ниту претставниците на МТЕЛ, кои очекуваат успеси на клубот зад кој застануваат.

„Ние како компанија не сакаме да губиме, веруваме дека Работнички во овие четири години ќе биде победнички колектив, ќе освојува трофеи и ќе донесете многу радости. Ова спонзорство е најава за влегувањето на МТЕЛ на македонскиот пазар, меѓу другото и во мобилната телефонија, веруваме дека ќе донесеме многу новини и конкурентни цени“, изјави генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лукиќ.

„Големо задоволство ни е што стануваме генерален спонзор на КК Работнички, тим со богата историја и се надевам на блескава иднина. МТЕЛ како компанија сака да инвестира во спортот, ова е само продолжение на тој тренд и веруваме во успешна соработка“, прокоментира Извршниот директор на Мтел, г-динот Марко Лопичиќ.

Се вчитува...