Гисласон реши: Си одам од Кил

Алфред Гисласон нема да потпише нов договор со Кил и на крајот од наредната сезона дефинитивно ќе си замине од клупата на германскиот ракометен гигант. Дел од медиумите најавуваа дека Гисласон би можел да го напушти Кил веќе летово, по новата потпросечна сезона на „зебрите“, Исланѓанецот реши да остане, но само до крајот на актуелниот договор, до јуни 2019 година.

„Ќе бидам тренер на Кил до крајот на наредната сезона. Потоа ќе одморам од Бундес-лигата. Можеби ќе останам во клубот на друга функција, но тренер дефинитивно нема да бидам. Исто така, нема вистина во шпекулациите дека сум разговарал за преземање на тимот на Мелсунген“ – изјави Гисласон за германските медиуми.

Алфред Гисласон е еден од најуспешните европски стратези, откако освои седум титули во Бундес-лигата и три пехари во Лигата на шампионите, во 2002, 2009 и во 2012 година. Се најавува дека негов наследник ќе биде Филип Јиха, легендарниот играч на Кил кој сезонава ќе му биде прв асистент на Исланѓанецот, за догодина да го заземе неговото место.

Се вчитува...