Вардаровите фудбалери синоќа го одработија првиот тренинг по пристигнувањето во Малме пред утрешниот прв натпревар од 2. квалификациско коло за Лигата на шампионите.
Шведскиот шампион е сериозен предизвик за „вардарци“, но како што истакна и Никола Глигоров по синоќешниот тренинг во Малме цврсто се решени во македонските редови оваа година да дадат се од себе, за пласман во следната рунда натпревари…
„Изминатите две години бевме блиску да го минеме 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите, но за малку не успеавме против АПОЕЛ односно Динамо Загреб. Затоа се надеваме дека оваа година ќе имаме повеќе среќа. Секако, максимално го респектираме Малме, но цврсто сме решени да дадеме се од себе за пласман во следната рунда натпревари“ – вели Глигоров и дополнува:
„Тешко е да се каже кој резултат би бил добар за нас тука. Во секој случај мислам дека ќе решава реваншот во Македонија. Па, нерешен резултат овде во Малме би бил поволен за нас“.
Глигоров го потенцира и хендикепот за Вардар што нема да може да игра на својот стадион во Скопје, а е приморан реванш натпреварот да го игра во Струмица.
„Тоа е една неверојатно ситуација. Цела година напорно работиме за овој европски настап, и сега не можеме да играме на нашиот стадион. Ќе играме речиси како на гостински терен, 200 километри подалеку од нашиот стадион. И место 30.000 навивачи, ќе имаме 5.000 во Струмица. Разочарани сме, но не можеме против одлуката на УЕФА“ – вели Никола Глигоров.
А, „вардарци“ утре од 19 часот на „Сведбанк арената“ во Малме ги очекува преполн стадион. Досега се продадени 18.000 билети, а се очекува присуство на околу 20.000 навивачи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА