Ѓока: Ништо не е загубено, верувам во карактерот на овие момци кои може да ја елиминираат Рига

Шкендија со негатива од 0-2 по првиот натпревар го очекува утрешниот реванш-дуел од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига против летонската Рига.

Јасно е дека шансите за тетовци за пласман во следната рунда натпревари не се загубени, но ќе мора да се одигра далеку подобро од првата пресметка. За тоа е свесен и шефот на стручниот штаб Ернест Ѓока.

„Јасно е дека нашата желба е пласман во следното коло. Да бидеме реални, ние и не играме лошо на овие европски натпревари но никако да проработи нападот. Време е да почне да се постигнуваат голови. Ако успееме да ја подобриме реализацијата сигурно може да славиме против Рига“ – вели Ѓока, притоа дополнувајќи:

„Сите фудбалери се на располагање, со исклучок на Бруно Дита. Но, без разлика кој ќе игра мора да го даде максимумот за позитивен резултат. Факт е дека ќе мора силно да атакуваме ако сакаме да ја анулираме негативата. Ако ја споредуваме Шкендија со онаа од пред неколку години, таа не е иста. Ова е сосема нов тим, но јас силно верувам во овие момци и нивниот карактер и знам дека може да ја елиминираат Рига ако одиграат како што знаат и умеат“.

Се вчитува...