Ѓоко Хаџиевски по Пјуник го презема Вардар?

Најтрофејниот македонски стратег Ѓоко Хаџиевски треба да се врати во најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар и да го преземе тимот по реванш натпреварот со Пјуник в четврток. Ова е планот на раководството на „црвено-црните“, откако планот со назначувањето на Бобан Бабунски за шеф на стручниот штаб пропадна уште во зародиш, дознава ЕКИПА. На реваншот со ерменскиот Пјуник, тимот ќе го предводи Александар Васоски.

Хаџиевски дојде како спортски директор во клубот со ова раководство, под закрилата на Сергеј Самсоненко, но си замина по само три месеци, откако увиде дека сепак не може најдобро да се вклопи со „останатиот дел од канцеларијата“ на Вардар. Тој сакаше да продолжи со тренерската кариера и замина за Дубаи.

Сега Ѓоко Хаџиевски чека нов ангажман и сигурно дека враќањето во Вардар е реална опција, посебно доколку добие одврзани раце да се селектира нов тим. Во овој летен преоден рок, а и во текот на целата измината сезона, се чини дека Вардар комплетно ја промаши стратегијата, загуби голем број квалитетни фудбалери, од тимот си заминаа македонски репрезентативци, а пристигнаа ‘сомнителни засилувања’. Доколку Ѓоко Хаџиевски ја преземе работата во свои раце, сигурно дека Вардар би можел да се врати на вистинскиот колосек. Тој знае како се освојуваат титули во „црвено-црните“ редови.

Покрај именувањето на нов тренер, јасно е дека во Вардар се „води војна“ меѓу двете структури во раководството. По се изгледа дека многу ослабува влијанието на Дарко Панчев, кој беше ангажиран како спортски директор, но не покажа завидни резултати и имаше неколку големи промашувања при ангажманот на нови фудбалери. Во последниот период, хаосот се зголеми, па ‘кој како стигне’ носи фудбалери во најтрофејниот македонски клуб.

Се вчитува...