Ѓоковиќ емотивно искрен: Телото не ми е исто како пред десет години

Новак Ѓоковиќ мораше да прави нов пресврт против свој сонародник за да се пласира во полуфиналето на турнирот во Белград, овојпат против Миомир Кецмановиќ.

Тенисерот кој бележи значителен напредок на АТП листата му зададе проблеми на светскиот рекет број еден и го освои првиот сет, но Ноле реагираше навреме и доста полесно од вчера ги освои наредните два сета.

Ноле против Ѓере играше два тајбрејка, додека вчера славеше со идентични 6-3 во вториот и третиот сет и се пласираше во полуфиналето каде противник ќе му биде Русинот Карен Хачанов.

„Многу слично сценарио како она против Ѓере. Заостанував еден сет и имав брејк негатива, на крајот одлучуваа еден или два поени. Миомир беше многу цврст, изедначен меч исто како и со Ласло. Телото не е исто како пред десет години, не се однесува исто после секој меч. За среќа, со помош на тимот успеав да закрепнам. Сега се чувствувам многу подобро на теренот и се радувам што сега ми следи ден одмор пред сабота. Добро е што во полуфиналето нема да играм со српски играч за промена, чудно е кога играте со сонародници пред домашна публика“, изјави Ѓоковиќ.

Се вчитува...