Голем пресврт – Ѓоковиќ добил подобро услови во хотелот, ќе може и да тренира подготвувајќи се за Австралија опен

Се повеќе изгледа дека на крајот Новак Ѓоковиќ ќе добие дозвола за влез во Мелбурн и учество на првиот гранд-слем турнир во сезоната Австралија опен. Откако утрово излезе информацијата дека Ѓоковиќ на 16. декември бил позитивен на коронавирус, а од Австралија потврдија дека сите кои што во последните шест месеци имаат прележано Ковид-19 имаат право да влезат во земјата иако не се вакцинирани се поголема е шансата Србинот да биде дел од турнирот.

Тој веќе добил подобри услови во хотелот во кој е сместен добивајќи направи за вежбање како би можел да се подготвува за настап во Мелбурн, потврди премиерката на Србија Ана Брнабиќ.

„Се чув со министерот за надворешни работи на Австралија, Мариз Пејн. Разговорот беше многу конструктивен. До конечната пресуда тој за жал ќе остане во хотелот, но успеавме да се избориме за некои други работи. Тој ќе добие безглутенска храна, а исто така ќе му бидат доставени и направи за вежбање како би можел да почне со подготовки“, изјави Брнабиќ. 

До крајот на викендот треба да биде донесена конечната одлука околу тоа дали ќе му биде дозволено на првиот рекет во светот да настапи на Австралија опен.

Се вчитува...