Голем проблем за Естонија: Единствениот евролигашки играч не доаѓа во Перм

Најголемиот ривал на Македонија на претстојниот квалификациски турнир во Перм, селекцијата на Естонија, ќе биде сериозно ослабена откако од комбинација за настап отпадна и Сандер Раиесте. Станува збор за единствениот естонски кошаркар кој настапува во Евролигата, Естонците долго време се убедуваа со раководството на Басконија да биде дадено зелено светло за негов настап во овие квалификации, но конечниот одговор од шпанскиот клуб бил негативен.

Ова на денешниот последен тренинг во Талин пред тргнувањето за Русија го потврди и селекторот Јука Тоијала, кој се надеваше дека Раиесте ќе може да го предводи естонскиот состав во клучните битки за обезбедување билет за Евробаскет 2022.

„Басконија ќе игра во Москва во четврток и ние се надевавме дека ќе го пуштат Раиесте потоа да дојде во Перм. Сепак, ставот на клубот е јасен, ниту еден кошаркар нема да замине со своите репрезентации, ова не се однесува само на нашиот играч туку и на Словенецот Зоран Драгиќ и на останатите кошаркари кои се најдоа на списоците на своите селектори“, изјави Тоијала.

Селекторот на Естонија од претходно не може да смета ниту на повредените Слим Сандер Вене, Мартин Пасоја, Кристијан Кицинг и Слим Маркус Пост, додека Кер Крииса остана во САД откако не доби дозвола од својот универзитет да дојде во Европа и да и помогне на својата репрезентација во овие клучни битки.

Се вчитува...