Голема борба во Скопје: Вардар со минус еден на полувреме против Нант

Ракометарите на Вардар имаат негатива од 15-16 на полувреме против Нант во првиот натпревар на домашен терен сезонава во Лигата на шампионите.

Вардар го имаше првиот напад и веднаш стигна реализација преку Јака Малус кој стрелаше за 1-0. Гостите не го искористија првиот напад откако неверојатен на голот беше Васил Гогов. Домаќините предводени од навивачите во „Јане Сандански“ со двата гола во низа на Воркапиќ веќе во четвртата минута имаа и 3-0.

Првиот гол за Французите го постигна Ноам Леополд кој во влезот на петтата минута стрелаше за 3-1. Гостите се разбудија по почетниот шок, па во осмата минута стигнаа до израмнување 5-5. Во следниот период се играше гол за гол, а Нант првпат до водство стигна во 13. минута (8-9) со погодокот на Ајуб Абди. Следуваше нова техничка грешка, по која францускиот тим стигна и до 8-10, по кои Чупиќ мораше да го побара својот прв тајм-аут. Ниту минутата пауза не му помогна на македонскиот шампион. Грешките продолжија, а сето тоа Нант го искористи за во 17. минута да стигне и до плус четири 8-12.

Вардар конечно заигра подобро. Со серија од 3-0 на истекот на 20. минута дојде на само минус еден (11-12). Гостите влегоа во нова серија по која во еден момен стигнаа и до плус пет 11-16, но нашиот тим со супер-завршница успеа на пауза да замине со негатива од само еден гол 15-16.

Воркапиќ и Абделхак со по четири гола се најефикасни во таборот на домаќинот, додека кај гостите Ноам Леополд постигна пет гола.

Се вчитува...