Горан Пандев – многу повеќе од ас, голгетер, капитен…

Еден е Горан Пандев. Не дека го одигра јубилејниот стоти натпревар во репрезентативниот дрес, ниту пак поради фактот дека е единствениот што во последните 20 години е амбасадор на мак-фудбалот ширум Европа во вистинска смисла на зборот. Туку затоа што скромен како секогаш, тој истовремено се наметна и како тивок лидер, неопходен на оваа наша репрезентација.

Денешниот дуел со Летонија беше само уште еден доказ за величината на Пандев, кој е „алфа и омега“ во националниот тим. Неговото влијание врз играта на „црвено-жолтите“ не може да се измери со бројки за голови и асистенции, затоа што Пандев со секој допир отвора простор, задржува топка, разигрува соиграчи.

Крај него е многу полесно да се игра, се согласуваат сите во македонската репрезентација. Впрочем, двата гола паднаа откако капитенот истрча и со „школски додавања“ отвори контранапади, што Алиоски и Елмас ги претворија во водство од 2-0. А сите останати не само што играат подобро, туку и имаат што да научат од Пандев, свесни дека честа и задоволството да го имаат крај себе ќе траат уште нешто повеќе од една година.

А потоа, товарот да се продолжи без него ќе биде огромен – бидејќи еден е Горан Пандев.

Се вчитува...