ГОРАН ПАНДЕВ, разговор некаде меѓу Тбилиси и Скопје: За сонот, за солзите, за семејството како најголема поддршка, за Мрме, за погледот кон небото, за момците…

Еуфоријата во Македонија по историскиот пласман на Европското првенство следната година никако да стивне. Чекавме 27 години, од оној прв репрезентативен натпревар во Крањ, за да дојдеме до остварување на сонот, па со оглед на тоа дека во голема мера се уште не сме свесни до крај за тежината, оставено е во моментов да се слави убавината на успехот. Успехот кој, се чини, прв меѓу сите го посакуваше капитенот Горан Пандев… Па, затоа, по оној последен свиреж во Тбилиси, најголемиот фудбалски романтик кој Македонија го имала воопшто во историјата историскиот резултат го зачини со солзи на тревникот на „Динамо арена“.

„Долго го сонував ова. Еве ме дојдов до 38 години и ми се оствари сонот“ – низ смеа го почнавме разговорот со Горан Пандев, по стивнувањето на првичната еуфорија, а на заедничкото враќање, некаде на патот од Тбилиси за Скопје…

„Но, да бидам искрен не мислев дека јас ќе бидам тој што ќе го реши натпреварот. Ќе беше навистина жално да не го обезбедиме првиот историски настап на Европското првенство, затоа што како што нагласувам постојано имаме навистина една прекрасна генерација млади фудбалери, навистина квалитетни во кои верував од самиот почеток. Ќе беше жално, и не само заради нас, туку и поради цела Македонија. Па, само нам од фудбалот во сите екипни спортови ни недостасуваше настап на големо натпреварување. Редно беше“ – веднаш дополнува.

За селекторот Ангеловски и момците со кои ја дели соблекувалната…

А, како всушност започна оваа приказна? Таму некаде пред пет години…

„Па, се почна со назначувањето на Игор Ангеловски за селектор. Се јави селекторот тогаш и дојде во Џенова. Разговаравме отворено и двајцата. Му кажав и јас некои работи, ми ја соопшти и тој неговата визија за изгледот на идната репрезентација која ќе треба да биде спој на искуство и младост и јас се согласив да се вратам во националниот тим. И тоа беше сигурно моја најдобра одлука која еве сега резултира со заслужениот пласман на Европското првенство“.

Свесни ли сме сите ние, а и сите во репрезентацијата за тежината на ова фудбалско достигнување во моментов?

„Искрено не. Не сме свесни, но сме среќни, тоа е неспорно. Среќни сме сите, најсреќен сум јас, но уште како да не верувам дека го остваривме сонот. Да мине извесен период и мислам дека сите ние и секој во Македонија ќе разбереме што всушсност сме постигнале“.

Својот деби натпревар во националниот тим Горан го имаше во далечната 2001 година на гостувањето против Турција. Од тогаш 20 години во националниот тим, како некако да ја чекаше оваа генерација за да осамне најголемиот успех во кариерата. Што им кажа на момците пред мечот во Грузија?

„Пред да излеземе на терен јас во соблекувалната им кажав дека, без разлика како ќе заврши натпреварот, без разлика дали ќе одиме на ЕП или не, јас сум горд што запознав не само фудбалери со храбро срце, лидери во душа, а за фудбалски квалитети и да не зборувам, туку пред се момци со златна душа. Им кажав дека добив пријатели за цел живот затоа што пред се се луѓе, а потоа се останато“.

За семејството, сопругата и дечињата, како најголема инспирација…

Ако треба да издвоиш личности на кои би го посветил овој успех кои би биле тие?

„Се разбира без размислување на моето семејство. Сопругата Надица и моите три дечиња, синот Филипо и ќерките Ана и најмалата Софија. Тие се мојата најголема инспирација, мојот мотив да дојдам до сите овие професионални успеси. Кога ме испратија од Италија пред доаѓањето за овој собир ми порачаа: ‘Тато да не се враќаш без Европско првенство’.

За солзите и погледот кон небото…

Кога го постигна победничкиот погодок во Тбилиси погледна кон небото, останувајќи облеан со силни емоции. Што помисли во тие моменти?

„Да, кога го дадов голот погледнав кон небото и помислив на Господ кој ни го покажа патот на сите нас за сета досегашна жртва, верба и желба за големиот успех. Помислив дека кога веруваш во нешто и силно посакуваш на крајот Господ ќе те награди. Знаеме, и јас, но и вие кои еве сте заедно со нас долги години и знаете се што се случува во репрезентацијата, дека едноставно се мачевме во фудбалот, навистина се мачевме…. Па сега е редно време сите заедно конечно да се израдуваме, бидејќи заслужуваме“.

На крајот не издржа и срцето на Гранде Пандев, солзите радосници се пролеаја на тревникот на „Динамо арена“ во Тбилиси.

„Бев под силен емотивен набој уште со доаѓањето на овој собир. Имаше и неспани ноќи, затоа што премногу го посакував овој успех. На крајот се тоа се отвори со последниот свиреж на судијата кога веќе беше јасно дека обезбедивме Европско првенство“.

За крајот на кариерата…

Ако погледнеме што се случуваше во Тбилиси околу самиот натпревар кој засекогаш ќе остане запишан со предзнакот историски, очигледно е дека имавме две сосема различни полувремиња.

„Да, лошо го почнавме мечот. Бевме под стрес, што е верувајте сосема нормално. Огромни беа очекувањата. Но второто полувреме мислам дека го одигравме на највисоко ниво ако погледнеме и години наназад. Мислам дека требаше да завршиме и со поубедлив резултат, но тоа сега е најмалку важно. Сепак, кога разговарам и со момците мора да играме на што повеќе голови а не да ги носиме натпреварите секогаш до тензија и неизвесност до последната минута. Имаат сила, и квалитет, и знаење сите овие репрезентативци и поубедливо да ги добиваме натпреварите. Мора да го научиме тоа“.

Селекторот Ангеловски, на шега или не, повика и по Европското првенство продолжување на твојата репрезентативна кариера. Тогаш ќе следи нов сон и нов предизвик… Настап на Светското првенство 2022 во Катар.

„А, ќе видиме за тоа. Има време“ – како што го започна, низ смеа го заврши разговорот најголемото македонско фудбалско име во историјата.

Се вчитува...