Горазд Ристовски: Сакам да одам по стапките на Панчев и Најдоски, со бројни трофеи за Ц. Звезда

Младинскиот репрезентативец на Македонија, Горазд Ристовски, вели дека негова најголема инспирација се македонските легенди Дарко Панчев и Илија Најдоски, по чии стапки сака да продолжи во дресот на белградска Црвена Звезда.

Во разговор за телевизијата на клубот, Ристовски кој игра на левокрилната дефанзивна позиција во младинскиот тим на Црвена Звезда, носи огромна желба да биде вистински наследник на Панчев и Најдоски кои во 1991 година го освоија Купот на шампионите со белградскиот клуб.

„Навистина сум почестен што сум дел од клуб како Црвена Звезда. Немав ни сонувано дека ќе ми се укаже ваква можност. Немам посебен идол, но морам да ги споменам Панчев и Најдоски, кои испишаа историја. Посакувам и јас да освојувам трофие со клубот како и нив“ – вели Ристовски.

Талентираниот Ристовски е само еден од плејадата млади македонски фудбалери кои сега се екипираат во Црвена Звезда. Левиот бек беше најдобар асистент во својата генерација во есенскиот дел од сезоната, привлекувајќи го вниманието на српската фудбалска јавност.

Се вчитува...