Ѓорѓиев: Целта на Алкалоид е да игра европски ракомет

РК Алкалоид со прес-конференција денеска ја заокружи успешната сезона во која најмладиот ракометен колектив во Македонија стигна и до првиот трофеј откако го освои националниот Куп на Македонија.

Средниот бек Игор Ѓорѓиев играше важна улога во екипата на Алкалоид во сезоната во која тимот заврши на третото место на табелата од плејофот и го освои првиот историски трофеј во Купот на Македонија.

„Завршуваме една успешна сезона на РК Алкалоид. Нашиот тим сезонава го донесе првиот трофеј во витрините на клубот, тоа е Купот на Македонија, успех на кој посебно сме горди. Игравме и во Европската лига на ЕХФ каде имавме шест квалитетни натпревари со кои стекнавме големо искуство и за нас како млада екипа ќе ни служи многу за наредниот период. Следната сезона повторно ќе играме во Европа, јас како капитен можам да кажам дека сме задоволни од покажаното и нашето издание. Наша главна цел е да играме добар, пред се европски ракомет и со тоа да ја радуваме нашата Македонија. Благодарност до условите кои ни ги овозможи Алкалоид, благодарност до соиграчите кои беа големи професионалци и големи работници. На крајот најмногу сакам да се заблагодарам на нашата публика која неуморно не бодреше цела сезона, со таква поддршка ветуваме борба, залагање и многу поголеми успеси“, изјави Ѓорѓиев.

Се вчитува...