Ѓорѓиев: За следните ЕП треба да работиме да играме мудро

Одбојкарската репрезентација на Македонија денеска го заврши настапот на Европското првенство и тоа со победа над Израел.
По поразите во првите четири кола, одбојкарите во последниот натпревар од групната фаза во три сета со 25:21,25:23,25:22 беа подобри од Израел.

Капитенот Никола Ѓоргиев ги сподели импресиите од петте натпревари кои одбојкарите ги одиграа во арената „8888„ во Софија и порача на што треба да се работи во иднина.

„ Ако треба нешто да работиме на следните Европските првенства, тоа е мудрата игра. На претходните првенства, без тоа на кое бевме домаќини, имавме проблеми поради притисокот од преголемата желба за победа. Последните два дена не сме спиени, мислевме само на натпреварите, кога со Португалија го одигравме еден од најслабите мечеви во дресот на Македонија, сите бевме многу лути, затоа што мораше да покажеме кои сме и што сме. Ние игравме убава одбојка и со Бугарија и со Полска. Но, целиот тој голем мотив, целиот тој притисок, целата желба да влеземе во следната фаза, влијаеше лошо кај нас. Сакам да им честитам на сите, посебно на селекторот Јошко Миленкоски кој не заслужуваше на 66 години да завршиме со пет порази. Мило ми е за сите нас и со Господ напред се надевам на подобри времиња“, вели Ѓоргиев.

Се вчитува...