Гостивар еден меч домаќин без публика, откако навивач вербално ги нападнал судиите

Екипата на Гостивар ќе мора да го игра наредниот домашен натпревар без присуство на публика откако „сино-белите“ беа санкционирани за неодговорното однесување на еден нивни навивач за време на последниот дуел со Феникс.

Во официјалниот записник е наведено дека навивачот кој седел под кошевите вербално нападнал двајца судии пред да биде отстранет од салата со полициска придружба.

„Досудена Т.Г. на тренерот на КК Гостивар Малинков Љ. поради приговор. Еден гледач кој седел на столчињата под кошот на домашната екипа, влегол на терен и вербално го нападнал судијата Петровски Д., кој потоа продолжил до записничката маса кон судијата Бошкоски Г. напаѓајки го и него вербално. Со полициска интервенција, а по барање на првиот судија Бошкоски Г. истиот гледач бил отстранет од теренот. Без забелешки од страна на обете екипи и службените лица“, се вели во делегатскиот извештај од овој натпревар.

Комесарот Милојевиќ врз основа на овој извештај донесе одлука гостиварци да бидат казнети со 16.000 денари, плус следниот домашен меч (во 21. коло против Работнички) да го играат пред празни трибини.

 

Се вчитува...