Гостивар им се врати на победите во Прва лига

Гостивар стави крај на серијата од два порази во низа во Првата кошаркарска лига откако во 16. коло славеше на домашен терен против Академија ФМП со 87-79. Гостиварци беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, одолеваа на налетот на противникот и сосема заслужено ја забележаа десеттата победа во сезоната.

Гостивар ја превзема резултатската иницијатива од самиот почеток на натпреварот, но Академија ФМП го имаше расположениот Смит кој долго го одржуваше својот тим во игра. Сепак финишот на првата четвртина беше во знакот на домашните кошаркари кои стигнаа до предност од 26-19, а „сино-белиот“ моментум продолжи и во втората четвртина. Гостивар рано стигна до двоцифрена предност, но тајм-аутот на Симиќ вроди плод. Скопјани заиграа далеку подобро на двата дела од теренот па експресно ја вратија и резултатската неизвесност. На две минути пред крајот на првото полувреме на семафорот стоеше резултат 40-38, но финишот на четвртината повторно им припадна на гостиварци кои со серија од 7-0 стигнаа до +9 (47-38).

Избраниците на Малинков продолжија да го диктираат темпото и во второто полувреме. Агресивната одбрана ги натера „академиците“ на тешки обиди, а притоа „сино-белите“ реализираа во висока успешност во противничкиот рекет па стигнаа до нова двоцифрена предност која овој пат ја задржаа и до крајот на третата четвртина за 74-59. Гостивар потфрли во реализацијата во последната четвртина, а постот од пет минути без поени го искористија гостите за враќање на едноцифрената негатива. Но, и покрај тоа што избраниците на Симиќ стигнаа до натпревар на два поседа, не ја искористија шансата за намалување на негативата под шест поени и не приредија неизвесен финиш.

Со 25 поени лидер на Гостивар беше Ефремовски, додека него го следеше Вучковиќ со дабл-дабл од 22 поени и 11 скока. Дабл-дабл од 17 поени и 17 скока забележа и Корсантиа, додека новото засилување Жигон дебитираше со 16 поени, 6 скока и 5 асистенции. 29 поени за Академија ФМП постигна Смит, 12 поени и 9 скока додаде Бјелиќ, а како двоцифрен со 11 поени мечот го заврши и Златевски.

Се вчитува...