Гостиварци му се одмаздија на Куманово

Гостивар не греши двапати, па по поразот минатиот викенд во Кавадарци избраниците на Марјан Србиновски вечерва одиграа одличен меч и славеа во Куманово со резултат 79-91. Така, гостиварци со иста мера им се реваншираа на кумановци за неочекуваниот пораз на домашен терен во првиот круг од сезонава во Првата лига.

Домашниот состав изненади со одлична игра во првата четвртина, во која избраниците на тренерот Петровиќ целосно го контролираа резултатот, па со тројката со звукот на сирената на Тодоровиќ стигнаа и до двоцифрена предност од 30-18. Тоа беше доволен аларм за гостинските кошаркари, да заиграат многу поангажирано во одбраната, по што предноста на домаќините почна да се топи.

На одмор се замина со резултат 43-40, за потоа Гостивар клучната разлика да ја направи на стартот од последната четвртина, кога „пулените“ на Србиновски се одлепија резултатски и на крајот заслужено славеа со „плус дванаесет“.

Џелетовиќ беше најефикасен кај Гостивар со 15 поени, по 14 постигнаа Ли и Димчевски, додека Костоски реализираше 9 поени и 10 асистенции. Најдобри во таборот на Куманово при денешниот пораз беа Марковски со 19 и Црниќ со 14 поени.

Пелистер стигна до очекувана победа над младиот тим на МЗТ Скопје, триумфирајќи во Битола со 83-77. Зекири со 26 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека Арсовски ги предводеше стрелците кај МЗТ 2 со вкупно 14 поени.

Се вчитува...