Поранешниот тренер на Вардар и на Шкупи, Гоце Седлоски ќе биде нов тренер на Работнички, дознава ЕКИПА.
Според последните информации од извори блиски до клубот двете страни веќе се договориле за меѓусебна соработка, а официјалната промоција на Седлоски на клупата на „романтичарите“ се очекува во среда кога треба да го одработи и првиот тренинг на чело на новиот клуб.
Новите сопственици на Работнички, турскиот „Џевахир“ максимално амбициозно, со сериозни планови за клубот, стартуваат во реорганизацијата на тимот од почетокот на новата година. Една од акциите е и квалитетно име на позицијата шеф на стручен штаб, поради што изминатиов период се водеа разговорите за ангажман на 49-годишниот Седлоски.
Седлоски на клупата на клубот од Градски парк ќе го наследи Милан Илиевски. Претходно во својата кариера Седлоски, покрај на Вардар и Шкупи, беше и тренер на Хоризонт Турново, летонска Рига и Широки брег во БиХ, а последниот негов ангажман беше на чело на албанскиот суперлигаш Влазнија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА