Град Скопје го враќа ФК Вардар под свое: Самсоненко се обврза да ги исплати сите долгови во рок од една година!

Град Скопје повторно го враќа ФК Вардар во своја сопственост. Како што дознава ЕКИПА, веќе е постигнат договор меѓу се уште актуелниот сопственик Сергеј Самсоненко и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за враќање на најтрофејниот македонски клуб на претходните сопственици – Град Скопје и Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост.

Известување од Сергеј Самсоненко до Градоначалник на Град Скопје

Сергеј Самсоненко во петокот (16. април), согласно документацијата до која дојде ЕКИПА, и официјално го известил градоначалникот Шилегов дека го враќа ФК Вардар на претходните сопственици од кои го доби во јануари 2014 година. Притоа во своето известување Самсоненко, наведувајќи дека се повлекува од клубот затоа што не може повеќе во иднина да ги исполнува со договорот превземените обврски за инвестирање, се обврзал да ги исполни и сите свои обврски кон играчи, тренери и доверители направени заклучно со 31. декември 2020 година.

„Изјавувам дека сум согласен да ги исполнам сите обврски кои настанале заклучно со 31. декември 2020 година за Друштво за спортски дејности Фудбалски клуб Вардар АД Скопје, за играчи, тренери и други доверители, при што се обврзувам најдоцна во рок од 1 (една) година да ги исполнам истите“ – се вели во изјавата на Самсоненко, до која дојде ЕКИПА, а доставена до Град Скопје.

Известување од Сергеј Самсоненко до Совет на Град Скопје

 

Пред два дена, пак, Сергеј Самсоненко, преку своите застапници, го информирал и Советот на Град Скопје дека го враќа ФК Вардар на претходните сопственици.

Сето тоа значи, според нашите информации, наредниот период и конечно усвојување од страна на Советот на Град Скопје на одлуката за враќање на ФК Вардар под своја капа.

ОТВОРАЊЕ НА ПАТОТ ЗА ВЛЕЗ НА НОВИ ФИНАНСИЕРИ

Повторното враќање на ФК Вардар под капата на Град Скопје, ќе значи, пак, едиствено отворање на патот за влез на новите финансиери на најтрофејниот македонски клуб кои се најавуваат од почетокот на оваа година. Веќе во тек се финални разговори на претставници на државните спортски институции и Град Скопје околу начинот на идното функционирање на ФК Вардар, без разлика дали ќе се избори за прволигашки опстанок или своето вистинско фудбалско воскреснување следната година ќе го бара преку Втората лига, доколку не се избори за опстанок сезонава.

Добар дел од искрените вардарови симпатизери веќе нагласено ја поддржуваат опцијата, доколку е неопходно ФК Вардар повторно на најдобар можен начин да се врати на фудбалската сцена и преку второлигашкиот пат, но не и да ја доживее онаа срамна епизода од фузијата со ФК Миравци пред десет години. За македонскиот фудбал и дефинитивно е неопходно да го добие најтрофејниот македонски клуб онака стабилно поставен со самоодржувачки финансиски проект на долги патеки.

Се вчитува...