Капитенот на швајцарската репрезентација Гранит Џака ја прифати пресудата на Обвинителството во Луцерн и изјави дека стои зад своето претходно признание на вината за лажен КОВИД-сертификат.
Гранит Џака беше осуден за добивање лажен сертификат за вакцинација против коронавирусот. Обвинителството во Луцерн му изрече 50 дневни казни од 3.000 швајцарски франци. Вкупната казна со тоа изнесува 150.000 швајцарски франци.
Казната е условна и Џака нема да мора да ја плати освен ако не стори ново кривично дело во следните две години. Искусниот играч од средниот ред ја прифати пресудата и се откажа од понатамошни правни дејствија. Тој веќе ги плати сите трошоци на процесот.
Веста за пресудата ја објави Џака преку своите профили на социјалните мрежи. Тој изјави дека стои зад ставот што го изрази неколку недели претходно, кога ја призна својата одговорност. Случајот со тоа е затворен од правна гледна точка.
„Пред неколку недели реков дека ја преземам одговорноста за мојата одлука. Стојам зад тој став“, рече Џака.
Неговото признание овозможи постапката пред Обвинителството во Луцерн релативно брзо да заврши.
Сè започна откако швајцарскиот „Блик“ објави дека е отворена истрага против капитенот на националниот тим. Обвинителството се обидуваше да утврди дали Џака нелегално добил документ со кој се потврдува вакцинацијата за време на пандемијата. Неколку дена подоцна, фудбалерот одлучи јавно да признае што се случило.
Џака призна дека во текот на 2022 година добил лажен сертификат за вакцинација против коронавирусот. Во тој период бил член на лондонскиот Арсенал. Тврдеше дека неговата одлука била под влијание на страв, несигурност и голема недоверба кон вакцината. И место да бара одговори на своите прашања од надлежните здравствени институции, тој одлучил да тргне по нелегалниот пат. Подоцна призна дека таквата одлука е сериозна грешка. Се извини на јавноста и најави целосна соработка со истражителите.
Скандалот веднаш имаше последици врз неговиот репрезентативен статус. Џака, во договор со Швајцарската фудбалска асоцијација, ги пропушти последните четири натпревари од Лигата на нации. Се проценуваше дека неговото присуство во тимот ќе го одвлече вниманието од натпреварите и ќе создаде дополнителен притисок врз неговите соиграчи.
Швајцарија продолжи да постигнува добри резултати во негово отсуство. Капитенската лента ја презеде Мануел Аканџи, кој го предводеше тимот до четири победи во Лигата на нации. Сепак, селекторот Мурат Јакин не сака трајно да се откаже од еден од најважните свои играчи.
По последниот натпревар на репрезентацијата против Македонија во Луцерн, Јакин јасно стави до знаење дека сака Џака да се врати во тимот. Двајцата останаа во контакт во текот на целиот случај. Селекторот верува дека Федерацијата, стручниот штаб и фудбалерот ќе најдат решение прифатливо за сите страни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
