Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, иако на претпоследниот годинешен Мастерс турнир кој се игра во Шангај стигна по триумфот во Пекинг, доживеа разочарувачки пораз уште на стартот.
Во второто коло на АТП Мастерсот 1000 во Шангај, Ѓоковиќ е поразен од полскиот тенисер Хуберт Хуркач во два сета и тоа со 6:3,6:4.
По мечот, Ѓоковиќ призна дека чувствувал замор поради турнирот во Пекинг и дека не ја прикажал очекуваната игра.
„Не сум ни блиску до нивото на игра кое го презентирав во Пекинг. Малку сум уморен, не сум свеж. Хуркач одлично сервираше, а јас на теренот не се чувствував како што очекував“, изјави Ѓоковиќ.
Исто така и поинаквата подлога на која се игра Мастерсот во Шангај во однос на таа од турнирот во Пекинг, влијаеше на играта на Новак.
„Подлогата беше многу брза, и е поинаква од таа во Пекинг. Ако само по еднаш загубите свој сервис во сетот, тоа може да биде доволно да го загубите и мечот. И токму тоа се случи. Многу е тешко да се враќа неговиот сервис, речиси е невозможно“, додава Новак.
Следниот предизвик за Ѓоковиќ е последниот Мастерс турнир годинава, во Париз кој треба да започне на втори ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
