Грчка пародија: Наместо Олимпијакос, од лигата истапи Панатинаикос

Хаосот во грчката кошарка кулминираше денеска, откако Панатинаикос изненадувачки објави дека истапува од лигата. Во изминатите денови се очекуваше дека тоа ќе го стори Олимпијакос, откако „црвено-белите“ уште пред неколку месеци најавија дека нема да настапат на ниту еден меч на кој ќе им суди еден од тројцата арбитри од контроверзното дерби со ПАО.

Панајотис Анастопулос требаше да биде дел од судиската тројка на денешниот дуел меѓу Олимпијакос и Промитеас, но по големиот притисок на јавноста самиот судија се повлече и побара да биде заменет.

На ова остро реагираа челниците на Панатинаикос, објавувајќи дека нема да бидат дел од оваа фарса.

„Се повлекуваме од натамошен настап во грчкото првенство поради теророт што го вршат челниците на Олимпијакос. Со месеци наназад сме сведоци на терор и уцени од нивна страна, исто така гледаме и како надлежните министри никако не реагираат. Се уценува цела лига, се крши правилник на натпреварување, а сите молчат. Ние веќе нема да молчиме“ – порачаа од Панатинаикос.

Се вчитува...