Грчки фудбалски клуб ќе игра со деца кошаркари и кикбоксери само да не згасне

Грчкиот клуб Кавала кој игра во втората лига, не одигра два натпревари поради недостаток на играчи во клубот. Дуелите против Аполо Понтус и Анагенис Кардица не се одиграа бидејќи немаше доволен фонд на фудбалери. Клубот не може да прави трансфери, и е принуден да регистрира деца и аматерски односно непрофесионални играчи за да го одржи клубот во живот.

Ситуацијата ја коментираше генералниот директор на клубот, Георге Манафис.

„Живееме во голгота. Она што се случи во изминатите 3-4 месеци е без преседан. Клубот страдаше поради одлуките на фудбалската федерација. Конечно, во недела ќе излеземе на терен. Не отидовме на натпреварот со Аполо бидејќи немавме ниту еден професионалец. Ќе одиме на суд поради натпреварот со Кардица. Имаме регистрирано момчиња кои никогаш не играле фудбал, па дури ниту на аматерско ниво. Во регистрацијата вклучивме 16-годишни деца кошаркари и кикбоксери. Од 16-те играчи кои ги имаме на располагање во моментов, само тројца се фудбалери. Тие се од нашиот град и се јавија да му помогнат на тимот. Ќе продолжиме да играме вака до декември за да не ни земат бодови, додека можеме повторно да правиме трансфери“, рече Манафис.

Се вчитува...