Гризман ја разбуди Франција, Турците ќе имаат кошмари од Мемфис Депај

Франција по пет натпревари без победа конечно забележа триумф на еден официјален натпревар, славејќи со 2-0 на дуелот со Финска што беше одигран во Лион. Публиката на „Жерлан“ гласно го поздравуваше секој потег на Карим Бензема, но улогата на херој му припадна на Антоан Гризман, кој ги постигна двата гола во овој триумф на „триколорите“.

Асот на Атлетико Мадрид најпрвин биеше фантастично со левата нога за 1-0 во првото полувреме, за потоа да блесне и во вториот дел, маестрално снаоѓајќи се и покрај малиот агол сместувајќи ја топката крај Храдецки во мрежата на Финците.

Холандија ја декласираше Турција со 6-1, одмаздувајќи им се на Турците на стартот од овој квалификациски циклус. Мемфис Депај одигра извонреден меч, најпрвин асистирајќи при водечкиот гол на Класен, пред самиот да постигне хет-трик. На 5-0 зголеми Тил, за 6-0 во судиското продолжение погоди Мален, а Турција почесниот гол го постигна во 92. минута преку Ченгиз Ундер. Треба да се истакне и дека гостите од пред крајот на првото полувреме настапуваа со играч помалку по црвениот картон што го заработи Сојунчу.

Данска продолжува со извонредните игри од ЕВРО 2020 откако вечерва лесно и убедливо го совлада националниот тим на Израел со 5-0. Целата работа Данците ја завршија уште во првото полувреме во кое поведоа со 3-0 (Поулсен, Кјаер и Олсен), а во вториот дел меѓу стрелците се запиша и Дилејни. „Петардата“ беше комплетирана со голот на Корнелиус во 90. минута на „Паркен“ во Копенхаген.

Се вчитува...