Гризман прифаќа и помала плата, само да замине во Барселона

Антоан Гризман е подготвен да прифати и значително намалување на платата, давајќи зелено светло за Барселона да тргне во нова офанзива за потпис на асот на Атлетико Мадрид. Богатиот договор што го потпиша со Атлетико минатото лето не е доволен за Гризман својата долгорочна иднина да ја гледа во дресот на „јорганџиите“, па неговиот агент почна со нова агитација за францускиот репрезентативец својата кариера да ја продолжи во Барса.

Францускиот ас и минатото лето беше поврзуван со преселба на „Камп ноу“, но во последен момент се премисли и потпиша нов договор со Атлетико, за плата од огромни 23 милиони евра. Сепак, ситуацијата се промени, атмосферата во тимот беше нарушена, а во меѓувреме заминувањето од клубот го најави и капитенот Годин, кој имаше значајна улога во убедувањето Гризман да остане. Поради ова одличниот напаѓач повторно размислува за трансфер, а во прилог му оди и што клаузулата од 1 јули ќе се намали, од 200 на 120 милиони евра.

Свесен дека минатото лето го изигра каталонскиот гигант, Гризман сега е подготвен да се пресели во Барелона за многу помала плата од она што моментно го заработува во Мадрид. Или поточно за 16 милиони евра годишна плата, сума што Гризман лани ја договори со Барса, пред да се премисли во последен момент.

Едно е јасно, сагата ќе продолжи и во следните месеци, а по 1 јули Барса е подготвена да тргне во нова офанзива за да го донесе овој врвен напаѓач крај Меси и Суарез.

Се вчитува...