Грмеше „Енфилд“, Ливерпул го стави тимот на Пеп во малиот џеб

Ливерпул обезбеди убедлива предност (3-0) против Манчестер сити во првиот четвртфинален дуел од англиската пресметка во Лигата на шампионите што се одигра на „Енфилд роуд“. Тимот на Јирген Клоп комплетно ги надигра избраниците на Пеп Гвардиола, ги „уништи“ во првите триесетина минути кога постигна три гола. Но, голем хендикеп за Ливерпул е повредата на Мохамед Салах, кој мораше да ја напушти играта на почетокот на второто полувреме.

Токму Мохамед Салах во 12.минута беше стрелец на водечкиот погодок за „црвените“. На 2-0 во 21.минута зголеми Окслејд Чемберлен со фантастичен удар од далечина, а третиот погодок беше дело на Садио Мане во 31.минута.

Манчестер сити беше нокаутиран и не успеа да се опорави до крајот на натпреварот. Ливерпул во вториот дел сакаше да не прими гол, и успеа во тоа, па со одлична залиха ќе патува на реваншот на „Етихад“, кој ќе се игра за шест дена.

Се вчитува...