Грожан се врати дома, нема да вози до крајот на годинава

Ромен Грожан сепак нема да има сензационален камбек на Ф-1 патеките петнаесетина дена по страшниот инцидент кога спаси жива глава од запалениот болид за време на трката за ХН на Бахреин. Првичните информации велеа дека францускиот возач ќе ја добие трката со времето и ќе може да настапи следниот викенд во Абу Даби, но по најновите консултации со медицинските лица беше донесена одлука дека нема потреба за ризик.

Оваа воедно значи и дека Грожан повеќе нема да вози за тимот на Хас, со оглед на фактот дека неговиот договор истекува на крајот од годинава.

„Грожан по напуштањето на болницата на крајот сепак реши да замине во својот дом во Швајцарија, каде ќе ја почнe последната фаза од рехабилитациската програма. Ова дефинитивно значи дека тој ќе ја пропушти последната трка од Ф-1 сезоната“, соопштија од раководството на Хас.

Местото на Французинот на денешната трка, како и на последната трка од Ф-1 шампионатот ќе го заземе Пјетро Фитипалди.

Се вчитува...