Грци го освоија турнирот во Струга, шок за Работник во финалето

Грчкиот прволигаш АЕК е изненадувачки освојувач на ракометниот турнир во Струга, откако тимот од Атина во големото финале го изненади македонскиот вицепрвак Работник, совладувајќи го со 27-23. Битолскиот суперлигаш влезе како голем фаворит во овој меч, но избраниците на тренерот Алушовски тотално потфрлија во второто полувреме, во кое му дозволија на противникот да направи пресврт и да стигне до победата.

Пресуден беше првиот дел од второто полувреме, во кој битолските „фармацевти“ повеќе од 11 минути немаа постигнато погодок. Главен проблем им беше голманот на АЕК, Игор Арсиќ, кој пред две сезони бранеше токму за Работник, па сега дополнително мотивиран се покажа против поранешниот клуб во големото финале. Ракометарите на Алушовски успеаја да се приближат на два гола разлика, но грчкиот тим го издржа последниот налет и заслужено стигна до пехарот.

Третото место му припадна на шведскиот тим Гуиф Ескилстуна, кој во малото финале славеше над домаќинот Струга со резултат 28-26. На петтата позиција се пласираше македонскиот суперлигаш Бутел, кој на денешниот дуел триумфираше против Пролетер со 34-29.

Се вчитува...