Грција сериозно ослабена на олимписките квалификации

Грчкиот селектор Рик Питино денеска ја објави лошата вест за оваа репрезентација – дека Василис Спанулис нема да може да им помогне на Грците на претстојниот квалификациски олимписки турнир во Канада.

Ветеранот се согласи да се врати во националниот тим и да помогне во битките за олимписки билет, во изминатите денови поради повреда на ногата не тренираше со полна пареа, за денеска веќе да биде јасно дека Спанулис нема да биде дел од репрезентацијата.

„Ми останува голема дупка во срцето бидејќи нашиот капитен Василис Спанулис нема да може да ја предводи репрезентацијата во Канада. Имав две прекрасни седмици со него, Спанулис има се што треба да поседува еден кошаркар, страст, талент, навика за работа, но за жал повредата го спречи да ни помогне“, изјави Питино, кој нема да може да смета ниту на најдобриот грчки кошаркар, Јанис Адетокумбо, кој се уште настапува со Милвоки во плејофот од НБА-лигата.

Грција ќе биде дел од квалификацискиот турнир што ќе се игра во Канада. Јужниот сосед ќе учествува во групата А заедно со Канада и со Кина, по што после ќе разигрува со селекциите од групата Б, каде се наоѓаат Чешка, Турција и Уругвај.

Се вчитува...