Група Е: Можат ли Србите да го победат Бразил?

Фудбалската репрезентација на Србија имаше добитна позиција во групата Е, но само по првото полувреме од дуелот со Швајцарија. Падот во играта во вториот дел и поразот во самиот финиш (1-2) ја доведе селекцијата на Младен Крстајиќ во незавидна ситуација. Сега северниот сосед има пред себе речиси невозможна мисија, да го победи Бразил, еден од најголемите фаворити за освојување на титулата, за да се пласира во осминафиналето.

„Ги почитуваме како фудбалска велесила, но и гледаме во својот двор. Сакаме да покажеме карактер и едвај чекаме да почне мечот. Едноставно е, играме против големиот Бразил. Нема да се предадеме, ќе го дадеме својот максимум, а потоа ќе видиме каков ќе биде резултатот“, вели селекторот на Србија, Младен Крстајиќ.

Тој и понатаму ќе се потпре на креативноста на Сергеј Милинковиќ – Савиќ во средниот ред и на Александар Митровиќ во нападот.

Бразилците не блескаа против Костарика, долго се мачеа да стигнат до победа, а тоа им успеа во судиското продолжение. „Кариоките“ секако го посакуваат првото место во групата, а за тоа ќе им биде потребен триумф, најмалку идентичен како и на Швајцарција против Костарика. Но, не смеат ниту да се залетаат, затоа што пораз од Србија ќе значи и крај на Мундијалот за Нејмар и друштвото.

Швајцарците се во добитна позиција по триумфот над Србија, потребен им е бод против Костарика за да бидат сигурни за осминафиналето, но сигурно дека ќе го бркаат и првото место во групата.

„Фудбалот е емотивна игра и драго ми е што фудбалерите внесуваат многу емоции на теренот. Тоа што ни се случи против Србија, не смееме да си го дозволиме и против Костарика. Тешко е прв да примиш гол, а потоа да го бркаш резултатот“, истакнува селекторот на Швајцарија, Владимир Петковиќ.

 

Се вчитува...