Белгија и Англија вечерва во меѓусебна пресметка ќе решаваат за првата позиција во групата Г. И двете селекции се веќе пласирани во осминафиналето, а ќе биде навистина интересно да се види кој ќе стигне до лидерската позиција. Таа носи во потешкиот дел од костурот и најверојатен четвртфинален дуел со Бразил. Да биде уште поинтересно, Белгија и Англија засега имаат по шест бода и идентична гол разлика, па доколку ремизираат, кој ќе биде лидер ќе решава и дисциплината, жолтите и црвените картони.
Белгијците досега никогаш ја немаат совлада Англија во досегашните пет меѓусебни средби. Англичаните можат да се пофалат со две победи, а три мечеви завршиле нерешено.
„Ја остваривме нашата прва цел и се пласиравме во осминафиналето. Сега не очекува важен меч со Англија, против врвна селекција. Ние одиме на победа на секој натпревар, не се плашиме и веруваме во себе“, изјави Кевин де Бруин, кој денеска полни 27 години, а ќе игра против неколку свои соиграчи од Манчестер сити.
Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, најави дека ќе одмори најголем дел од првотимците, а идентичен најверојатно ќе биде и случајот во таборот на гордиот Албион.
Во вториот меч од оваа група, Панама и Тунис ќе се обидат да стигнат до првите бодови, а потоа секако ќе го напуштат Светското првенство во Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА