Илкај Гундоган летото 2023 година ги разочара Пеп Гвардиола и навивачите на Манчестер Сити кога реши како слободен играч да се пресели во Барселона. Тој одигра 51 меч за една сезона за каталонскиот гигант, постигна пет гола и 14 асистенции, а потоа една година подоцна се премисли – па реши да се врати назад во Манчестер.
Лапорта даде зелено светло и го пушти да си замине како што дојде, без никаква отштета, па Гундоган се врати во таборот на Манчестер Сити. На прес-конференцијата пред неделното дерби со Арсенал германскиот репрезентативец говореше за околностите при неговиот камбек во редовите на англискиот првак.
„Решив да заминам од Барса, имав понуди на маса, но решив дека најдобро ќе биде да се вратам во Сити. Кога бев сигурен во својата одлука, му се јавив на Пеп. Воопшто не ми беше лесно да му свртам, бев многу нервозен пред тој повик. Треба да знаете, јас секогаш сум бил во добри односи со Гвардиола, но не може да знаете како ќе се однесува откако лани си заминав. За среќа, мина одлично, тој само ми рече дека дава зелено светло, ако се прашува веднаш би ме потпишал… потоа следеа разговорите со управата, но и тоа се заврши многу брзо“, истакна Гундоган.
Германскиот играч за врска се осврна и на времето минато во дресот на каталонскиот гигант…
„За мене беше привилегија да го носам дресот на Барса, остварување на сонот од детството. Играв за еден од најголемите клубови во светот, можеби од страна гледано некој ќе каже дека сезоната беше неуспешна бидејќи останавме без трофеј, но освоивме 85 бода, само три помалку од една година претходно кога Барелона беше шампион на Шпанија. Можеби се ќе беше поинаку ако околностите беа поразлични, но не жалам за ништо поврзано со Барса“, порача Илкај Гундоган.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА