Гурбанов: Македонија е посилна од Белорусија, ќе биде уште потешко

ЕКИПА во Белек,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва (18 часот) на „Мардан Арена“ во Белек го игра вториот пријателски натпревар од мини-турнејата во Турција. По ремито без голови со Финска, избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе ги одмерат силите со Азербејџан. Противникот има високо мислење за нашиот национален тим, а го потенцира селекторот Гурбан Гурбанов.

„Македонија е посилна од Белорусија, ќе ни биде уште потешко. По поразот од Белорусите, има и мали психолошки тензии во нашиот тим и тоа треба да го заборавиме што е можно побрзо. Мораме да бидеме подготвени и на вакви ситуации. Единствен начин за експресно подобрување е добриот резултат против Македонија. Но, за тоа ќе треба да одиграме навистина на високо ниво, а фудбалерите да покажат максимална желба и залагање“, истакнува селекторот на Азербејџан.

Капитенот Камран Агајев вели дека фудбалерите треба да се потрудат да ги спроведат на теренот заповедите на селекторот Гурбанов. Тоа не се случило против Белорусија, меч кој го загубија со 0-1.

„Иако се работи за пријателски натпревари, секако дека сакаме да победиме и резултатите воопшто не се неважни. Но, ќе мора да одиграме многу подобро отколку на претходниот тест со Белорусија. Треба да ги спроведеме во целост тактичките заисли на селекторот Гурбан Гурбанов. Само на таков начин можеме да се надеваме на успех. Македонија е силна репрезентација“, вели Камран Агајев.

Се вчитува...