Ѓуроски: Пресудија желбата и енергијата, заслужено го победивме МЗТ

Македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски не го криеше задоволството по новата победа на Блокотехна, овојпат извојувана по тешка битка со шампионот МЗТ Скопје. Ѓуроски беше дел од ланскиот шампионски тим на „металците“, што ја прави оваа победа уште послатка за крилниот кошаркар, кој ја заврши средбата со девет поени, четири скока и една асистенциа.

„Како пресудни се покажаа желбата и енергијата, во пресудните моменти одигравме онака како што требаше, се одлепивме резултатски и заслужено славевме. Морам да ја пофалам и публиката која дојде и создаде одлична атмосфера, за првпат откако јас сум член на Блокотехна и слободно можам да кажам дека ни даде крилја во моментите кога поддршката ни беше најпотребна“ – истакнува Стојан Ѓуроски.

МЗТ Скопје подобро го стартуваше мечот и за неполни пет минути поведе со 5-15, но домаќините успеаја да се вратат и на крајот да стигнат до победата.

„Мислам дека почнавме малку во грч. Знаевме дека МЗТ има лоши резултати, но и дека имаат квалитетна екипа. Гостите почнаа поагресивно од нас и моравме да одговориме со иста мера, потоа влеговме во ритам и на крајот заслужено славевме“ – вели Ѓуроски.

Репрезентативецот и покрај двете победи над шампионот сезонава смета дека нема простор за еуфорија во редовите на Блокотехна, која за неполни две недели ја очекува и премиерен настап во Купот на Македонија.

„Нема потреба од еуфорија и кревање во облаци, наше е да продолжиме да работиме напорно како и досега. Купот е за две седмици, дотогаш имаме две тешки средби на кои мораме да се фокусираме, а потоа да размислуваме за тој фајналејт турнир. Како и досега, одиме натпревар по натпревар, без преголема еуфорија“ – скромно изјавува македонскиот репрезентативец во редовите на Блокотехна.

Се вчитува...