Гвардиола со поддршка за Клоп: Не може секогаш да се победува, фудбалот е поубав спорт поради Јирген

Јирген Клоп се соочува со зголемен притисок поради серијата слаби игри и порази на Ливерпул, по која „црвените“ испаднаа и од Топ 4 екипите на табелата во Премиер-лигата. Информациите за можно заминување на Германецот експресно беа демантирани, но повеќе од очигледно е дека Клоп има се поголеми проблеми да најде излез од големата криза.

„Црвените“ се надеваат на утеха во Европа и добар настап вечерва на гостувањето против Лајпциг, а во пресрет на овој меч Клоп доби силна поддршка од големиот ривал, стратегот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола.

„Имам кажано и порано, сега само ќе повторам – фудбалот е поубав спорт поради Јирген Клоп. Она што тој го прави во своите клубови, претходно во Дортмунд сега и во Ливерпул, начинот на кој играат неговите екипи полни со страст, тоа е она што сите сакаат да го гледаат кога ќе дојдат на стадион или кога се пред ТВ. Сега се наоѓа во криза, па не може секогаш да се победува, победува, победува… тоа би било здодевно нели. Сепак, никој не смее да се сомнева во квалитетите на Јирген Клоп, секој врвен тренер има и слаби периоди, тие помагаат да увидиш колку е тешко да се стигне до врвот“, истакна Гвардиола.

Се вчитува...