Хал загуби од Кристал палас и испадна од Премиер-лигата

Хал е третиот тим, по Мидлсброу и Сандерленд, кој на крајот од сезонава се сели во понизок ранг од натпреварување откако „тигрите“ попладнево загубија од Кристал палас со 4-0, губејќи ги сите шанси за опстанок во Премиер-лигата.

Палас со пораз можеше да си го искомликува животот во битката за опстанок, па затоа избраниците на Сем Алардајс максимално фуриозно влегоа во мечот, дилемите околу победникот решавајќи ги во првите триесетина минути. Заха на самиот почеток го отвори резултатот по катастрофалната грешка на Ранокија, а на 2-0 со прецизен удар со глава зголеми Бентеке. Преостанатите два гола беа постигнати во последните десет минути од мечот, кога гостите демотивирано чекаа крај, а Кристал палас со головите на Миливојевиќ (од пенал) и на Ван Анхолт стигна до убедлив триумф.

По денешниот пораз Хал остана на 34 бода, четири помалку од Свонси на едно коло до крајот. Само за потсетување, влез во Премиер-лигата од Чемпионшип дивизијата обезбедија Брајтон и Њукасл, а за последното место во елитното друштво преку бараж се борат Фулам, Ридинг, Хадерсфилд и Шефилд венздеј.

Се вчитува...