Халанд е ново фудбалско чудо – повеќе голови од Мбапе, Меси и Роналдо заедно

Беше тоа на 30 мај годинава, кога во светската јавност за првпат одекна името Ерлинг Халанд, откако норвешкиот напаѓач постигна дури девет гола за својата репрезентација, и тоа не на пријателски меч, туку на Светското Првенство за играчи до 20 години. Норвежаните славеа со 12-0 над Хондурас, а три четвртини од погодоците ги постигна токму овој врвен голгетер.

Тоа беше само почеток на феноменалната година на новото фудбалско чудо, откако Халанд продолжи во пеколен ритам да ги решета противничките мрежи и во својата дебитантска сезона во дресот на Салцбург во Лигата на шампионите. Бројките се неверојатни, во дебито во ЛШ постигна хет-трик (дома против Генк), а во првите три кола зад неговото име веќе се запишани шест гола. Воедно, два погодоци му беа поништени со ВАР-одлуки, а вреди да се спомене дека Халанд поради повреда влезе во игра во второто полувреме од дуелот со Ливерпул и сепак успеа да постигне гол на „Енфилд“.

Само за споредба, Норвежанецот во моментов има постигнато повеќе голови од Мбапе (три), Меси (еден) и Роналдо (еден) заедно. Халанд самиот има постигнато повеќе погодоци во ЛШ од Атлетико Мадрид (пет), Интер (четири), Челси (три), Реал Мадрид (два)…

Новата „ѕвезда“ е родена, а само прашање на време е кога ќе го напушти Салцбург и ќе заигра за некој од гигантите на светскиот фудбал.

Се вчитува...