Хаман со совет до Баерн: Левандовски нека си замине пред да биде доцна…

Долгогодишниот германски репрезентативец Диди Хаман не е фан на Роберт Левандовски, па во својата најнова анализа за „Скај Спорт“ јавно ги повика челниците на Баерн што поскоро да ја увидат реалноста и да го продадат полскиот голгетер, пред тој да стане нерешлив проблем за баварскиот гигант.

Левандовски досега има одиграно 222 натпревари за Баерн, постигнувајќи 175 голови, притоа освојувајќи четири титули во Бундес-лигата. Сепак, тоа не е доволно за Хаман, според кој голгетерот е проблем во соблекувалната за сите тренери, вклучувајќи го и сегашниот Нико Ковач.

„Левандовски станува се поголем проблем за Баерн и ако мене ме прашање, тие треба да го продадат пред да биде доцна. Сета таа негова театралност, незаинтересираност што се почесто ја покажува и на теренот. Мислам дека е очигледно дека е многу осамен во соблекувалната. Некогаш даваше голови, па тоа не се забележуваше. Дури и кога не постигнуваше голови, многу работеше за екипата, покриваше простор… сега веќе не го прави тоа. Оној Левандовски од пред три-четири години, со кого уживаа да играат сите соиграчи, а кој беше кошмар за противниците, него веќе подолго време го нема“ – истакна Хаман.

Левандовски изминатото лето бараше да му биде дозволено да си замине од „Алијанц Арена“, но челниците на Баерн јасно ставија до знаење дека немаат намера да го продадат. И тешко е за верување дека овие критики од Хаман ќе го променат ставот на Хенес и Румениге по ова прашање.

Се вчитува...