Хамилтон: Додека дишам, ќе се борам за промени во спортот и светот

Шампионот во Формула 1 и возач на Мерцедес, Луис Хамилтон, истакна дека ќе се бори за промени во спортот и во светот „сè додека дише“. Британецот минатата година активно учествуваше во движењето „Црните животи имаат значење“, па „клекнуваше“ пред секоја трка во Формула 1 шампионатот и јавно се залагаше за борба против расизмот и еднаквоста.

Луис повторно потенцира дека ќе биде дел од борбата за „подобро утро“, а во оваа мисија ги повика и сите останати јавни личности.

„Некои од нас клекнаа во поддршка на еднаквоста во текот на изминатата година, за што сум многу горд. Моето прашање е – што е следно? Нееднаквости постојат во нашиот спорт и низ целиот свет. Сè уште е потребна промена. Ние мора да инсистираме дека тоа е одговорност на сите нас. Треба да се ​​стремиме кон еднаквост со цел да видиме трајни промени во светот. Сè додека дишам, ќе се борам за промени во светот. Ќе создадам патека и можности за децата од сите раси. Да продолжиме заеднички да се бориме“, рече Луис.

Хамилтон ја освои седмата шампионска титула, со што се најде на првото место на вечната листа со легендарниот Михаел Шумахер. Тој неодамна потпиша нов договор со Мерцедес, па фановите од него очекуваат нови рекорди и успеси.

Се вчитува...