Хамилтон: Го гледав Шуми како освојува титули, не верував дека ќе го стигнам…

Луис Хамилтон не ја крие гордоста по огромниот успех, седмата шампионска титула во Формула 1 шампионатот со што се израмни на чело на вечната ранг-листа, рамо до рамо со големиот Михаел Шумахер.

„Се сеќавам дека го гледав Шумахер како освојува титули. Да стигнете до една или две е тешко, да имате седум вакви трофеи, тоа е апсолутно незамисливо“, истакна најдоминантниот Ф-1 возач на дешеницата.

Асот на Мерцедес не можеше да ги скрие солзите излегувајќи од болидот, а на прес-конференцијата не заборави да ги пофали сите членови на тимот.

„Неизмерно сум благодарен на сите момци овде, како и на сите оние кои работат во фабриката за да го имаме најдобриот болид. Јас не би бил денеска овде ако не станев дел од оваа извонредна екипа“, изјави Хамилтон.

Притоа, тој најави дека не размислува за заминување од Формула 1 бидејќи смета дека има уште многу работи да му понуди на овој спорт.

„Постигнав толку многу, но не чувствувам дека ми се ближи крајот на кариерата. Чувствувам како штотуку да тргнувам во оваа авантура, искрено се надевам дека 2021 година ќе биде уште подобра, би сакал да останам во Мерцедес, да му помогнам на тимот, да му помогнам на целиот спорт наречен Формула 1“, порача Луис Хамилтон.

Се вчитува...