Албанскиот прволигаш Камза е исфрлен од шампионатот откако членови на раководството на тимот, но и симпатизери на клубот, го нападнаа главниот судија на натпреварот против Лачи.
Албанската фудбалска федерација одлучи комплетно да го суспендира тимот на Камза по физичкиот напад на главниот судија кој на дуелот со Лачи досуди пенал за противникот. Ударот од белата точка го реализираше македонскиот интернационалец Бојан Најденов, но дуелот не заврши по хаосот кој настана на теренот.
Викендов и комплетното коло од албанското првенство е одложено откако судиите најавија бојкот. Во знак на поддршка на својот колега, судиската организација се одлучи на генерален штрајк се додека состојбите во фудбалот не се подобрат.
Покрај исфрлањето од лигата на Камза, тројца членови на раководството на клубот добија доживотна суспензија за извршување било каква функција во фудбалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА