Хари Наковски: Во Романија ќе ја темпираме формата за предизвиците во ‘Златната лига 2024’

Македонската одбојкарска репрезентација ги реализира финалните подготовки во Скопје пред заминувањето за Романија каде на 10. и 11. мај ја очекуваа два пријателски натпревари со Романците како генералка пред стартот на настапите во „Златната лига 2024“.

Новиот селектор Хари Наковски веќе одработи неколку тренинзи со селекцијата, сега сумирајќи ги првите впечатоци пред новите предизвици на тимот.

„По реализирани неколку тренинзи може да заклучам дека одбојкарите се многу подобро подготвени од тоа што очекував со оглед на тоа дека само што ги завршија првенствата. Двомечот со Романија ќе го искористиме за да направиме некоја подобра слика за овој тим, и да ги финишираме подготовките“ – вели Наковски и дополнува:

„По враќањето ќе продолжиме да се подготвуваме во Струмица за дуелите со Естонија и Чешка кои не чекаат во првите кола од Златната лига. Нашите млади играчи се уште се далеку од квалитетот кој ни е неопходен, но овие средби ќе бидат добар показател за нивните можности и за тоа колку ќе можат да ни помогнат во продолжението од репрезентативните обврски. Здравствениот билтен е добар, неизвесен е само настапот на Лука Костиќ кој има мала повреда“.

Македонија првиот натпревар во „Златната лига 2024“ го игра на 17. мај во Струмица против селекцијата на Естонија.

Се вчитува...