Хасани: Јубилејот на Пандев е голем мотив за сите нас за победа

Фудбалерот од средниот ред на македонската репрезентација, Ферхан Хасани вели дека јубилејот на Горан Пандев за кого првиот квалификациски натпревар за пласман на ЕП 2020 против Летонија на 21. март ќе биде негов 100-ти во репрезентативниот дрес, е голем мотив и за секој репрезентативец.

„На мечот со Летонија имаме дополнителен мотив за победа. Да триумфираме и за Горан Пандев кој ќе настапи по 100-ти пат за Македонија. Тој е пример за човек и голем спортист и чест е да бидеш во ист тим со Пандев“ – вели Хасани и дополнува:

„Во денешниот фудбал нема слаб противник, ние игравме добро на изминатите натпревар и ќе се обидеме да продолжиме во тој ритам. Секако дека ќе мора да го дадеме максимумот за да дојдеме до првите три бода во овие квалификации“.

Македонската селекција од 18:45 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе го одработи и првиот тренинг пред дуелот со Летонците.

Се вчитува...